Банка

Article in other languages:

Google AdSense

Банка

Од Википедија, слободната енциклопедија
Скокни на: содржини, барај

Банка (англиски: bank) е финансиска институција чија главна дејност е прибирањето депозити и давањето кредити, како и извршувањето на платниот промет. Поделба на банките може да се изврши според повеќе критериуми, како што се: сопственоста, рочноста на одобрените кредити, според регионалниот критериум, според критериумот на прибирање парични средства за нивните деловни потреби итн. Според последниот критериум, може да се направи следнава категоризација на банки:[1]

  • емисони или централни;
  • депозитни или комерцијални;
  • универзални;
  • инвестициони;
  • деловни;
  • специјализирани или грански;
  • развојни;
  • регионални;
  • моно-банки;
  • мултинационални банки.

Содржина

Видови

Емисиони или централни банки

Под овие имиња се јавуваат оние привилегирани банкарски институции кои се задолжени за регулирање на количеството пари во оптек и за вредноста на домашната валута, за ликвидноста на банкарскиот систем и пошироко за ликвидноста на земјата во внатрешниот и во надворешниот платен промет.[2]

Во денешно време, централните банки ги имаат следниве основни функции:

  • издаваат, односно емитуваат книжни и ковани пари
  • држат резерви на злато и девизи и ракуваат со нив
  • го регулираат оптекот на парите во согласност со целите и со задачите на економската политика, внатрешната стабилност на стоково-паричните односи и ликвидноста во меѓународните плаќања, односно во согласност со целите и со задачите на монетарната политика и девизната политика
  • ја регулираат ликвидноста на банкарскиот систем и ликвидноста на плаќањата во земјата
  • ги контролираат кредитните операции во земјaта
  • ги регулираат плаќањата и кредитните работи со странство
  • вршат одредени работи за сметка на државата
  • го организираат платниот промет и се појавуваат како пресметковен центар за безготовинскиот платен промет
  • извршуваат други специфични банкарски работи, кои им ги доверува државата.[3]

Централните банки се разликуваат од земја до земја, во поглед на горенаведените функции и нивната содржина. Тоа зависи од различниот степен на стопанската развиеност, разликите во општественото уредување, различниот степен на развиеност на финансиската структура, разликите во банкарскиот систем, разликите што се јавуваат во областа на законодавството и сл.[4]

Депозитни или комерцијални банки

Депозитните или комерцијалните банки заземаат најголемо место во структурата на банкарскиот систем на една земја. Тие се занимаваат со мобилизирање на депозитите од оние правни и физички лица кои имаат слободни парични средства и нив ги пласираат во краткорочни кредити на оние правни и физички лица кои имаат потреба.[5]

Името депозитни банки го добиле од фактот што една од основните функции на овие банки е прибирање депозити. Додека комерцијалните банки името го добиле уште со нивното настанување. Нивната првобитна функција била чување на парите на трговците во своите трезори. Подоцна кога забележале дека еден дел од овие пари постојано се наоѓа неподигнати во нивните трезори, тие почнале да им ги позајмуваат на трговците на краток рок. Бидејќи на почетокот овие банки се занимавале исклучително со кредитирање на трговијата, тие го добиле името комерцијални банки. Тоа име го задржале и денес, иако во најголем дел се универзални во нивното работење.[6]

Комерцијалните банки играат многу важна улога во економскиот живот на секоја земја. Тие се јавуваат како главни актери на пазарот на пари и пазарот на капитал и во обезбедувањето на понудата и во обезбедувањето на побарувачката на парични средства. Значењето на овие банки за една земја добива уште поголема специфична тежина со оглед на фактот што тие одобруваат краткорочни кредити од краткорочни извори и со тоа креираат нова [[парична маса]. На овој начин тие директно влијаат на ликвидноста на една економија. Поради фактот што во структурата на кредитниот потенцијал доминираат краткорочни депозити, банките мораат строго да го почитуваат принципот на ликвидност, како и да држат резервни парични средства.[7]

Универзални банки

Тоа се оние банки кои се занимаваат со сите видови банкарски работи. Денес, во светот преовладуваат ваквите банки. Преориентацијата во банкарството, од специјализирани кон универзални се наметна како резултат на современите односи во движењата на индустрискиот капитал во светот и, воопшто, со развојот на светското стопанство. Имено, современото општество, кое оправдано се нарекува кредитно стопанство затоа што парите и кредитите станаа составен дел на севкупната репродукција, има потреба од таков тип банка која ќе дава комплетни банкарски услуги, односно која ќе биде универзална во своето работење.[8]

Инвестициони банки

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Инвестициона банка.

Инвестициона банка е онаа чија главна дејност е работењето со хартии од вредност, како што е откупот на хартии од вредност кои ги емитираат корпорациите и други субјекти и нивна препродажба на секундарниот пазар на хартии од вредност. Тие, исто така, се јавуваат и во улога на брокери и дилери на пазарот на капитал.[9]

Фунциите на инвестиционите банки се:

  • советодавна функција - при советување на својот корпоративен или државен клиент, една инвестициона банка најпрвин му помага на клиентот, правејќи оценка на неговите потреби за финансиски средства. Тогаш, банката вообичаено го запознава клиентот со трошоците и придобивките од различните можности за мобилизирање на средства.[10]
  • административна функција - кога еднаш финансиската стратегија ќе биде усвоена, банката може да ја врши и административната функција. Оваа улога вклучува голем број детаљи поврзани со новата емисија, како и расчистувањето на даночните и регулаторните прашања за сметка на фирмата која издава хартии од вредност. Исто така банката може да помага во комплетирањето на правните документи нужни за пријавување кај Комисијата за хартии од вредност.[11]
  • осигурување на емисиите - оваа функција настанува тогаш кога банката се согласува да донесе една емисија на пазарот за сметка на нејзиниот клиент. Кога инвестиционата банка му гарантира фиксна цена на емитентот во замена за неговите хартии од вредност, се вели дека таа ја потпишува (осигурува) понудата за хартии од вредност.[12]
  • дистрибутивна функција - дистрибутивната функција го вклучува пласманот на новоиздадените хартии од вредност. Оваа функција ја претставува суштинската вредност на потпишувачката функција за корпоративниот клиент, бидејќи таа ги става хартиите од вредност на фирмата во рацете на конечните инвеститори.[13]

Деловни банки

Деловните банки се продукт на развиениот капитализам. Тие располагаат со голем сопствен капитал и обично се наоѓаат во метрополите на капиталистичките земји. Тие доаѓаат до средства преку здружување на капиталот од разни индустриски концерни и картели. Кај овие банки до израз доаѓа поврзаноста на интересите на финансискиот и индустрискиот пазар. По правило, овие банки немаат филијали. Ваквите банки се главни носители на финансирањето на големите индустриски корпорации со кои се развиваат тесни деловни врски. Исто така, тие даваат и советнички услуги за разни инвестициски проекти, за донесување на најоптимални инвестициски одлуки. Деловните банки се многу активни и на меѓународниот пазар на капитал.[14]

Специјализирани или грански банки

Од името на овие банки може да се заклучи дека тие одобруваат кредити на одделни гранки или области во стопанството. Во светот, овие банки се познати особено кога е во прашање финансирањето на земјоделството, индустријата, надворешната трговија, прометот и сл. Нивно главно својство е тоа што кај нив се постигнува висока специјализација во работењето, поголема хармонизација на членовите на банката (тие се од иста гранка или област) и се надминува теритoријалната затвореност во движењето на банкарските средства.[15]

Развојни банки

Во развојот на банкарството посебно место имаат банките за долгорочно кредитирање на стопанскиот развој. Потребата за проширена репродукција и осигурување на средствата за нејзино финансирање се наметна со особена сила, особено со почитувањето на капиталистичкиот начин на производство, од кога и дејствуваат специјализираните банки, односно развојните банки. Развојните банки може да се сретнат и под други имиња, како инвестициони, индустриски, финансиски, хипотекарни и сл. Развојните банки одобруваат долгорочни кредити од акумулираните штедни депозити, кои се орочени во банката за подолг рок. Со одобрувањето на долгорочни кредити врз база на орочените депозити не се создава нова парична маса, туку само се врши прераспределба на веќе создадената акумулација. Развојните банки покрај домашната акумулација често користат и странска акумулација, како извор на финансирање на одделни развојни програми. Овие банки се особено карактеристични за земјите во развој, каде што најчесто се основаат со поддршка на државата.[16]

Регионални банки

Од самото име може да се заклучи дека се работи за банки кои работат на одреден регион, односно територија. Постојат регионални банки кои прибираат депозити и доделуваат кредити на субјекти од одреден регион во рамки на една земја и во рамки на одреден регион кој се протега во повеќе земји. Овие последниве се нарекуваат Меѓународни регионални банки. Најпознати вакви банки се: Европската инвестициона банка, Африканската банка, Азискaта банка за развој итн.[17]

Моно-банки

Доколку во една земја постои само една банка, велиме дека во таа земја има монобанкарски систем. Во оваа банка се споени сите банкарски функции. Ваквата банка, во исто време е и централна банка и деловна банка, затоа што таа емитува пари, им дава краткорочни и долгорочни кредити на стопанството и на населението и го врши внатрешниот и меѓународниот платен промет.[18]

Монобанкарскиот систем се појавува повеќе како исклучок во современото банкарство. Обично, овој систем го применуваат неразвиените и малите земји, а тој беше карактеристичен за земјите во транзиција.[19]

Мултинационални банки

Индустриската револуција и примената на најсовремената техника и технологија во процесот на производство бараат, од своја страна, висока концентрација на банкарски капитал и развиена кооперација во банкарското работење. Класичните коресподентски односи помеѓу банките од одлени земји станаа претесни и несоодветни на современите барања за концентрација на капиталот во меѓународната размена. За да одговорат на новите барања, банките го концентрираат капиталот преку формирање на банкaрски конзорциуми и мултинационални банки. Банкарските конзорциуми се формираат за финансирање на одредени проекти, а мултинационалните банки за извршување на сите форми на банкарско работење. Мултинационалните банки имаат широка филијална мрежа речиси низ целиот свет.[20]

Извори

  1. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 30.
  2. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 31.
  3. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 31-32.
  4. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 32.
  5. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 34.
  6. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 34.
  7. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 35.
  8. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 35-36.
  9. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 36.
  10. Михаил Петковски, „Финансиски пазари и институции” - Универзитет “Св. Кирил и Методиј” - Eкономски факултет, Скопје, 2002, стр. 356.
  11. Михаил Петковски, “Финансиски пазари и институции” - Универзитет „Св. Кирил и Методиј” - Eкономски факултет, Скопје, 2002, стр. 356.
  12. Михаил Петковски, „Финансиски пазари и институции” - Универзитет „Св. Кирил и Методиј” - Eкономски факултет, Скопје, 2002, стр. 357.
  13. Михаил Петковски, „Финансиски пазари и институции” - Универзитет „Св. Кирил и Методиј” - Eкономски факултет, Скопје, 2002, стр. 358.
  14. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 36-37.
  15. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 35.
  16. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 37.
  17. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 38.
  18. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 38.
  19. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 38.
  20. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скенпоинт - Скопје, 2009, стр. 38-39.

This article is from Wikipedia. All text is available under the terms of the GNU Free Documentation License.